
Министерството за правда го објави! Погледнете го предлог законот за амнестија
В О В Е Д
I. ОЦЕНА НА СОСТОЈБИТЕ ВО ОБЛАСТА ШТО ТРЕБА ДА СЕ УРЕДИ СО ЗАКОНОТ И ПРИЧИНИТЕ ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ
Иако основните правни принципи на законитост и правичност наложуваат спрема секој сторител на одредено кривично дело да се примени соодветна кривична санкција, сите современи кривични законодавства (од најстари времиња до денес) предвидуваат основи кои го исклучуваат правото на казнување на државата.
Откажувањето од државното право на казнување некогаш било привилегија на монарсите кои го изразувале суверенитетот на државата. СО појавата на парламентите и парламентарните системи, двојниот суверенитет меѓу граѓаните, претставени во парламентот, и шефот на државата како суверен, довел до развивање врз таквата практика на два општо прифатени института – амнестија и помилување.
Правото на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела е познат во правните системи, како овластување на државата под услови пропишани со закон, против сторители на кривични дела да не се покренува казнено гонење или на веќе осудените лица казната да им биде простена или ублажена. Институтот амнестија наоѓа смисла во неприкосновеното право на казнување на државата, од каде произлегува и правото на простување на сторителот на казненото дело. Казната претставува справедлива одмазда за извршеното дело, додека амнестијата преставува простување, израз на добра волја и милост кон осудените лица да се помогне во процесот на нивната ресоцијализација.
Особено значајно е да се потенцира дека колективното помилување по пат на амнестија е ефикасен начин за отстранување на несправедливите последици предизвикани со честите измени на законите: кога новиот акон укинува некоја инкриминација или предвидува поблаго казнување, единствен инструмент со кој може да се интервенира за таквиот поблаг став на законодавецот да се однесува и на оние кои издржуваат кана според стариот закон е нивното амнестирање. Понекогаш и други важни социјални или политички причини го оправдуваат посегнувањето по амнестија заради надминување на можните социјални конфликти.
Овој институт постои и се применува во многу европски држави (Франција, Италија, Швајцарија, Турција, Словенија, Србија итн.).
Во Република Северна Македонија од моментот на нејзиното осамостојување донесени се повеќе закони за амнестија. Првиот закон за амнестија е донесен во 1991 и со него биле опфатени осудените лица кои се наоѓале на издржување на затворска казна, како и оние кои сѐ уште не биле упатени на издржување на казната. Законот за амнестија од 1999 година се однесува на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела казниви со Кривичниот Законик и со друг закон на Република Македонија, на кои од страна на домашен суд им била изречена единствена казна затвор, како и лица осудени со правосилна пресуда од суд на поранешните југословенски републики, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржување на казната во казнено-поправните установи во Република Македонија. Како резултат на потребата од поставување соодветна правна рамка како инструмент за реализација на Охридскиот договор, во 2002 година е донесен нов Законот за амнестија. Законот предвидувал ослободување од гонење, запирање на кривичните постапки и потполно ослободување од извршувањето на казната затвор на граѓаните на Република Македонија, лицата со законски престој, како и на лицата кои имале имот или семејство во Република Македонија, а за кои постоело основано сомневање дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година. Амнестијата се однесувала и на лицата кои и пред 1 јануари 2001 година подготвувале или сториле кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година. Со актот на амнестија не биле опфатени меѓународните злосторства за кои е надлежен Хашкиот трибунал. Законот содржел и основ за ослободување од извршувањето на казната затвор за 25% од неиздржаниот дел во поглед на лицата осудени со правосилна пресуда за кривични дела пропишани со Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија, ако и на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со издржувањето на казната затвор во казненопоправните установи во Република Македонија.
Закон за амнестија е донесен и во 2003 година (ревидиран во 2004 година), а неговите одредби се однесувале на граѓаните на Република Северна Македонија кои не ја извршиле воената обврска. Во 2018 се донесени уште два закона за амнестија. Со првиот (објавен во „Сл. весник на РМ бр.11/18“), беше амнестирана одредена група на правосилно осудени лица, со цел за нивна ресоцијализација и растеретување на затворите од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна. Вториот пак, (објавен во „Сл. весник на РМ бр. 233/18“) се однесуваше на ослободување од кривично гонење, запирање на поведените кривични постапки и целосно ослободување од казната затвор, лицата за кои постоело основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на РСМ од 27 април 2017 година. Последниот од низата закони за амнестија, беше донесен годинава (објавен во „Сл. весник на РСМ бр.65/23“), со кој на лицата осудени со правосилна пресуда на парична казна за кривични дела од членот 205 „Пренесување заразна болест“ и членот 206 „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од Кривичниот законик, сторени по денот на влегувањето во сила на Одлуката за утврдување на постоење вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 68/20), донесена од претседателот на Република Северна Македонија до денот на влегувањето во сила на законот, изречената казна им се замени со алтернативна мерка условна осуда.
Но, со оглед на актуелните состојби се оцени за потребно да се предложи донесување на нов Закон за амнестија како израз на добра волја на државата кон одредена група на правосилно осудени лица. Примарна причина за донесување на овој закон е ресоцијализација на определен број осудени лица, а имајќи ги предвид и условите и капацитетите во казнено-поправните установи во држават како и растеретувањето на затворите од прекумерниот број на лица кои се наоѓаат на отслужување на затворска казна.
II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА НА ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ
Целите што ќе се постигнат со донесување на Законот за амнестија се:
– ресоцијализација на сторителите на кривични дела;
– Намалување на бројот на лица кои издржуваат казна затвор во казнено-поправните установи, а со тоа значително ќе предизвика намалување на фактичката пренатрупеност во нив, како и финансиско растеретување на Буџетот на Република Северна Македонија, во однос на издржувањето на затворската популација.
Основна цел на Законот за амнестија е потребата за јакнење на рехабилитативниот концепт и помагање на процесот на реинтеграција на осудените лица.