
Министерот Андоновски го прими златниот олимпиец по информатика, Владимир Грчев: Државата ќе продолжи да инвестира во младите ИТ таленти
Извонредниот успех на младиот информатичар Владимир Грчев, кој освои златен медал на Европската олимпијада по информатика за млади (EJOI), денеска доби и официјална државна пофалба. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оствари средба со талентираниот ученик, ветувајќи континуирана поддршка за развојот на ИТ талентите во земјава.
Владимир Грчев, ученик во прва година во скопското приватно средно училиште „Јахја Кемал“, по потекло од Кочани, го постигна овој огромен успех на неодамна одржаниот натпревар во Шумен, Бугарија, потврдувајќи го својот статус на еден од најперспективните млади информатичари во Македонија.
Честитајќи му за освоениот медал, министерот Андоновски истакна дека ваквите резултати се доказ за квалитетот на младите умови во земјава и мотив за Владата да продолжи со инвестиции во нивниот развој.
„Сигурен сум дека Владимир допрва ќе ја радува Македонија со европски и светски успеси на секое негово идно натпреварување“, изјави Андоновски.
Тој додаде дека Министерството за дигитална трансформација останува посветено на поддршката на младите таленти преку развој на програми за образование, иновации и унапредување на натпреварувачките активности во сферата на технологијата и програмирањето.
