
Милионски обврски и бесправни градби, напишаа ревизорите за „Национални шуми“
Државниот завод за ревизија издаде неповолно мислење за финансиските извештаи и усогласеноста со законите на Јавното претпријатие „Национални шуми“ за 2023 година.
Ревизорите утврдиле дека биолошките средства не се вреднувани по нивната објективна вредност и не се евидентирани намалувања или обезвреднувања, иако дел од шумскиот фонд бил уништен од пожари или се наоѓа во граници на Националниот парк Шар Планина.
Претпријатието не ја испочитувало законската обврска за отворање посебна сметка за простата репродукција и не извршило пребивање на обврските кон државниот буџет за проширена репродукција, кои изнесуваат 450,8 милиони денари, со ненаплатените побарувања од акцијата „Ден на дрвото“ во висина од 164,3 милиони денари.
Дел од побарувањата од вработени, во износ од 39,6 милиони денари, потекнуваат од пред 2018 година, без соодветна документација, без преземени мерки за наплата и без проценка на наплатливоста.
Средства во подготовка во вредност од 22,5 милиони денари се прикажани нереално – меѓу нив има и инвестиции стари повеќе децении, бесправно изградени објекти, пластеници во употреба кои сè уште се водат како во подготовка и суровини заведени како основни средства.
Долгорочни вложувања во вредност од 7,4 милиони денари се евидентирани во правни субјекти кои се избришани од Трговскиот регистар или повеќе не се под сопственост на претпријатието.
Пописот на средствата и обврските не е целосно и правилно спроведен, а кај дел од обврските и средствата не е извршено усогласување со фактичката состојба.
Во делот на усогласеноста, ревизорите нотираат неправилности во вработувањата и пресметката на платите – лицата се распоредувале на работни места кои не ги извршувале, што довело до зголемени трошоци.
Кај јавните набавки, од планираните 112 постапки за 2023 година реализирани се само 37,5%, со значителни отстапувања меѓу проценетата и реалната вредност на договорите.
Ревизорите предупредуваат и на зголемен ризик од намалена ликвидност, недоволна заштита на шумите, системски слабости во справувањето со пожари, болести и бесправна сеча, како и на ограничена ефикасност на програмата за проширена репродукција.
Препораките се однесуваат на подобрување на евиденцијата и вреднувањето на средствата, усогласување на пресметките со законските норми, воспоставување на сметка за проста репродукција, целосен попис на средствата и зајакнување на внатрешните контроли.
