
Милевски: Кога примаш четири гола од прекини значи не си фокусиран!
Македонија одигра очајно прво полувреме по кое губевме со 3-0, во вториот дел дадовме два гола, но примивме исто толку и убедливо го загубивме мечот.
Селекторот Благоја Милевски е разочаран од играта во првиот дел од мечот, но и од резултатот на натпреварот.
„Кога ќе примите четири гола од пет прекини значи не сте биле фокусирани. Во првото полувреме не одигравме така како што замислувавме, но по замените кои ги направивме во вториот дел бевме многу подобри. Не успеавме да изедначиме, се отворивме и тоа не чинеше уште два гола. Не сум задоволен од првото полувреме и од конечниот резултат“, вели селекторот Милевски.
Тој открива дека Елмас сам побарал да излезе од игра.
„Елиф сам ми побара измена бидејќи падна на физички план и не се чувствуваше подготвен да го доигра натпреварот. Се гледа дека му недостасува минутажа во клубот, се надевам дека ситуацијата таму ќе му се промени, бидејќи тој заслужува тоа“.
