
Михајловски: Кај нас закон полесно се менува отколку пресуда против политичар да стане правосилна
Ден на независноста славиме. Убав продолжен викенд. Чуму ваква разочараност? Па не е баш толку страшно тоа што со измените на Кривичниот закон Собранието изгласа помали казни за функционерите што ќе украдат пари од буџетот. Гледајте на тоа проевропски. Ќе си ја поправиме статистиката за успешна борба против корупција. Поглавје ли е, кластер ли е – успешно е затворено. Уште пред да почнат преговорите со ЕУ.
Со ова инвентивно решение, изгласано набрзинка, со европско знаменце, за да се фати брзата лента за ЕУ, најбрзата од ЕУ со различните брзини, наместо криминалците да се прилагодуваат кон законите, ние законите ги прилагодуваме на криминалците. Наместо да се казнуваат корумпираните судии што беа махери во тегнење на судските процеси против политичарите и по стариот закон, ние им прилагодивме нов закон за да им го олесниме застарувањето на делата на обвинетите.
Кај нас закон полесно се менува отколку пресуда против политичар да стане правосилна. И Устав побрзо ќе смениме, отколку што функционери што краделе од нашите пари ќе одат во затвор.
Ви пречи неказнивоста? Е па еве, отсега неказнивоста ќе си биде озаконета. Конечно и ние да понудиме уникатно решение за ЕУ со кое ќе придонесеме кон перцепцијата за чесно владеење. Нема пресуда, нема криминал. Нема осудени политичари, нема корупција.
