
МИЦОТАКИС ДО МИЦКОСКИ: Очекувам од новиот премиер да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека очекува изјава од новиот премиер Христијан Мицкоски дека името е Северна Македонија ќе го користи во и надвор од земјата.
„Очекувам од новиот премиер да даде јасна изјава дека го почитува Договорот од Преспа и дека името на неговата земја е Северна Македонија и тоа ќе го користи во и надвор од неговата земја“, рече Мицотакис вечерва во интервју за телевизијата Стар.
Вели дека Атина се стреми кон добри односи, но неопходно е почитување на Договорот од Преспа.
„Видов некои изјави на претседателката на С.Македонија и мислам дека направи некои чекори назад од првичните изјави. Ние се стремиме кон добри односи со С.Македонија, но многупати имаме кажано дека добрите односи поминуваат преку почитувањето на јадрото на Договорот што го потпишаа двете земји“, рече Мицотакис.
Го повтори ставот дека според нив Договорот има „многу проблеми кои ги гледаме сега во однос на признавањето на македонскиот јазик и националност“.
Македонската претседателка Гордана Силјановска Давкова кажа дека ќе го почитува Договорот од Преспа, иако на заклетвата не ја употреби придавката „Северна“.