Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ партнерот ќе го бара во албанската опозиција, а за ДУИ време е за опозиција и одговорност
ДУИ како политичка партија дојде на власт со приказна за човекови права, а заврши како партија која печали врз човековите права и ги краде и своите и другите. И затоа овие избори е времето кога треба да им се каже толку беше. Време е за опозиција и одговорност, рече Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Битола.
„И една порака до ДУИ. Овие денови сум преплавен со пораки и абери кои ми ги праќаат од Речица. Па како човек секогаш сум бил директен, престанете да ми ги праќате оние емисари и курири по разно разни канали кои велат да сум размислел да направиме коалиција после изборите. Не знам дали знаете или не, но јас не сум ви Ковачевски, ниту неговиот претходник. Со мене такви договори на штета на народот и под маса немало и нема да има“, рече Мицкоски.
Мицкоски укажа дека ВМРО-ДПМНЕ партнерот ќе го бара во опозицијата, во партиите со кои ќе споделуваме исти вредности и принципи.
„Време е ДУИ да биде заменето со партии кои ќе работат за сигурна иднина на сите граѓани и со која заедно ќе се бориме за заедничката иднина“, изјави Мицкоски.