
МИЦКОСКИ СТАВИ ТОЧКА НА ШПЕКУЛАЦИИТЕ: Нема предвремени избори, фокусот е на реформи и испорака
Премиерот Христијан Мицкоски денеска стави крај на дебатите за можни предвремени парламентарни избори, отфрлајќи ја таквата можност како непотребна во овој момент. Според него, владината коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и движењето ЗНАМ функционира одлично, а приоритет на државата мора да бидат реформите.
Иако формално се потребни 61 пратеник за распуштање на Собранието, Мицкоски потенцираше дека во моментов не гледа причина за таков чекор.
Тој призна дека, од теснопартиски агол, на ВМРО-ДПМНЕ би ѝ одговарало ново соочување со граѓаните, особено по големиот успех на неодамнешните локални избори. Но, порача дека како најголема партија мора да покажат одговорност и да не носат избрзани политички одлуки на штета на државата.
Премиерот откри дека пораките за потребата од стабилност се јасни и од домашната јавност и од странските партнери.
Во однос на актуелните прашања за можни кадровски промени во Владата, премиерот беше прашан дали ќе го разреши министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, по шпекулациите дека тој најавил формирање на нова партија.
