
Мицкоски со предлог за заедничка резолуција во ЕП: Заедно да го потврдиме македонскиот идентитет и јазик
Премиерот Христијан Мицкоски предложи Македонија и Бугарија заеднички да поднесат резолуција во Европскиот парламент, со која би се потврдила посебноста на македонскиот идентитет и јазик. Овој чекор, според него, би бил доказ за искрена добрососедска соработка и меѓусебна поддршка помеѓу двете земји.
Во изјавата дадена при посетата на Тетово, Мицкоски истакна дека предлогот е одговор на ставовите на бугарскиот претседател Румен Радев, кој неодамна изјави дека единствениот услов за напредок на Македонија кон Европската унија е промена на Уставот и вклучување на граѓани што се изјаснуваат како Бугари.
– Затоа реков: ако е тоа единствениот услов, тогаш пред да дојдеме до таа точка, да предложиме заедничка резолуција преку бугарските европратеници, со која ќе го потврдиме македонскиот идентитет и јазик. Потоа, како знак на добра волја, Бугарија да ги спроведе пресудите од Судот во Стразбур за човековите права на Македонците во Бугарија, да ја регистрира ОМО Илинден Пирин и таа да добие свој претставник во Советот за малцински права – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека таквиот пристап би бил конкретен пример за тоа што значи да се биде добар сосед и да се работи за заедничка европска иднина.
Премиерот потсети дека предлогот е во духот на Договорот за пријателство и добрососедство потпишан меѓу Заев и Борисов во август 2017 година, и посочи дека со вакви конкретни чекори може да се премостат недоразбирањата и да се зајакне довербата меѓу двете земји.

