Мицкоски по поразот во Брвеница: „Ние со програма, тие со националната карта и по некој тројанец за одвлекување гласови – сами против сите!“
Премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, се огласи по изборниот пораз на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанче Радичевски, во вториот круг од локалните избори во Општина Брвеница.
Мицкоски оцени дека ВМРО-ДПМНЕ настапила со изборна програма и конкретна визија за развој на општината, додека политичките противници, според него, ја користеле демографијата, националната карта и одредени кандидати за одвлекување на гласовите.
„Сами против сите. Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови“, напиша Мицкоски.
Тој нагласи дека партијата бележи значителен раст на поддршката, од 3.000 гласа во првиот круг на 4.200 гласа, што претставува 1.300 гласа повеќе во споредба со последните парламентарни избори. Сепак, според него, овој резултат не бил доволен за целосна победа.
Мицкоски им се заблагодари на сите жители на Брвеница, без разлика дали гласале за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, и порача дека Владата ќе продолжи да ја поддржува општината и нејзините граѓани./Novina