
Мицкоски обвинува за „мафијашки упади“ за време на вонредната состојба, Пендаровски го демантира!
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го критикуваше однесувањето на поранешната влада и СДСМ, поврзувајќи ги со, како што оцени, „мафијашки упади“ во приватни клиники за време на прогласувањето на вонредната состојба. Повикот на јавноста и медиумите дојде по обвинувањето на хирургот Жан Митрев дека министерот за здравство, Филипче, и СДСМ сакале да ја преземат неговата приватна клиника.
„Немам што да коментирам, претпоставувам би требало Обвинителството по допрен глас да коментира. Но тоа мене не ме изненадува, ние знаевме какви мафијашки упади се случуваа, посебно во тој период кога се носеше таа би рекол вонредна состојба, кога со уредби со сила на закон се надсинхронизираше законот и Уставот во Македонија. Има многу сведоштва што говорат за однесувањето на Владата во тој период. Вие знаете, сè уште тие законски уредби и одлуки на Пендаровски Стево во тој период стојат непоминати во Собранието. Треба да видиме и Собранието да се произнесе во периодот што следи што со тоа, дали можеби има и одговорност тука од страна на поранешниот претседател Пендаровски Стево и пред законите и пред Уставот, затоа што постојат основани сомневања дека голем дел од тие одлуки се и спротивни на закон и спротивни на Устав. Така што еве јас ќе чекам да видам Обвинителството дали ќе постапува по допрен глас, истото што го чекаат сите граѓани во Македонија“, изјави Мицкоски по новинарско прашање.
На овие обвинувања денеска реагираше и поранешниот претседател Стево Пендаровски, истакнувајќи дека одлуките за вонредната состојба биле во согласност со Уставот и законите, потврдени од Уставниот суд.
„Навистина мислев да не му давам на значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните ‘резултати’ од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира, но, заради јавноста ќе морам да објаснам некои работи кои за жал на ‘експертот за енергетика’ претходно не му ги објасниле неговите ‘големи правници’.
Имено, Уставниот суд уште пред повеќе од пет години, со мнозинство гласови, ПОТВРДИ дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
Второ, уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции кои сега се под тотална контрола на Мицкоски можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат.
Трето, сите одлуки за прогласување на вонредна состојба беа доставени од моја страна до Собранието и тоа веднаш по завршувањето на таа состојба.
Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицкоски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, стои во реакцијата на Пендаровски.
Овој случај повторно ја отвори дебатата за имплементацијата на вонредните состојби и законските уредби во земјата, како и за одговорноста на државните институции и политичарите за одлуките донесени во тој период.
