
Мицкоски: Не дозволуваме трагедијата во Кочани да се злоупотребува за политички поени
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска испрати силна порака по повод актуелните политички настани поврзани со трагедијата во Кочани. Тој јасно порача дека нема да дозволи страдањата на граѓаните да бидат инструмент за дневна политика и манипулации.
„Нема да дозволам на грбот на напатениот народ да се прави политика. Безобразно е да се злоупотребуваат судбините на цел еден град и да се саботира процесот на одговорност,“ рече Мицкоски, обвинувајќи ја СДСМ за, како што рече, долгорочна пракса на злоупотреба на трагедии.
Тој предупреди дека граѓанското движење за поддршка на Кочани полека преминува во политички проект на СДСМ, во кој фокусот од сочувство преминува на предизборни теми како инфраструктура и ветувања.
„Сите се сеќаваме на трагедиите на Тамара, Мартин Нешковски, Смилковското езеро… И тогаш истите овие луѓе ветија правда, лажеа и манипулираа. Сега сакаат повторно да го сторат истото. Но народот не заборава,“ истакна Мицкоски.
Премиерот порача дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со конкретна помош за Кочани и најави нов проект кој, како што вели, ќе има „историско значење за градот“ и ќе донесе реални придобивки за секој жител.
„Кочани не се помага со прес-конференции туку со дела. Владата активно работи на проект кој ќе го промени животот на луѓето таму. Ќе ги соопштиме деталите наскоро,“ додаде тој.
Со овој настап, Мицкоски испрати порака за стабилност, одговорност и отфрлање на политичката злоупотреба на човечки трагедии, нагласувајќи дека фокусот треба да остане на вистинската помош и обнова.