
Мицкоски: Македонија го зајакнува својот одбранбен капацитет!
Премиерот Христијан Мицкоски денеска објави дека Македонија направила значаен чекор кон модернизација на својата Армија и зајакнување на националната безбедност преку набавка на нова воена опрема усогласена со стандардите на НАТО.
На свечен настан со присуство на припадници на Армијата, министерката за одбрана и претставници на меѓународната заедница, Мицкоски истакна дека се реализирани два договори кои носат конкретни резултати за македонскиот одбранбен систем.
„Со гордост објавувам дека преку Министерството за одбрана успешно ги реализиравме два значајни договори за набавка на современа воена опрема – опрема која е целосно усогласена со НАТО стандардите. Ова не е само набавка. Ова е визија за Македонија како стабилна, сигурна и подготвена членка на НАТО“, изјави премиерот.
Во рамките на првиот договор, набавени се шест хаубици – современи артилериски системи со висока прецизност и огнена моќ, кои веќе се испорачани на Армијата. Дополнително, во текот на 2026 година е предвидена и испорака на муниција со зголемен дострел.
Со вториот договор, обезбедена е дополнителна опрема за хаубиците – модерни комуникациски системи и технологии за контрола на огнот, што ќе ја зголемат ефикасноста на борбените единици.
Мицкоски посочи дека оваа набавка е дел од поширока стратегија за градење држава која инвестира рамномерно во сите сектори – од економија до одбрана, со целопфатен пристап кон развојот.
„Нема повеќе импровизации и декларативна поддршка. Има реални инвестиции, има план и стратегија. Со оваа опрема, нашата Армија ќе биде не само помоќна, туку и попрецизна и поусогласена со сојузниците“, порача премиерот.
Тој изрази благодарност и честитка до припадниците на Армијата, нагласувајќи дека оваа опрема е посветена токму ним – за нивната безбедност, ефикасност и верност кон татковината.
„Македонија мора да успее. А ќе успее само ако е силна, самостојна и сигурна“, заклучи Мицкоски.
