
Мицкоски: Гласачкото ливче на локалните може да биде долго и 7-8 метри
Премиерот Христијан Мицкоски не ја исклучува можноста да настанат проблеми во претстојниот изборен процес поради тоа што независните кандидати можат да учествуваат со само два потписа од граѓани од изборната единица. Според него, тоа може да доведе до голем број кандидати и до гласачко ливче долго и до осум метри, што би ги обесхрабрило граѓаните да излезат на гласање.
„Сè е можно. Можно е гласачкото ливче да биде 7–8 метри, што може да ги обесхрабри граѓаните, да се намали цензусот. Но, сакам да предупредам дека согласно Уставот и Законот, ако не е успешен избирачкиот процес, Владата има право да именува владини повереници во општините. Неодговорното однесување на поединци или на политички партии може да резултира со вакви можности. Дали тоа ќе се случи ќе знаеме многу скоро, до 1 септември треба да заврши овој процес,“ изјави Мицкоски.
Во однос на тоа кога ќе бидат познати сите кандидати за градоначалници и советници, тој посочи дека роковите ќе бидат испочитувани.
„Остануваат уште петнаесетина општини, кои мислам дека ќе ги комплетираме до крајот на месецов. Во првата недела на септември ќе имаме состанок на ИК и ЦК на партијата, па тогаш ќе ги затвориме сите непознаници. Последниот рок е 13 септември,“ рече премиерот.