
Мицкоски: До неодамна СДСМ бараа лидерска средба, а сега кога има, ја одбиваат!
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека на 14 јануари напладне во Клубот на пратениците ќе се одржи лидерска средба со првите лица на парламентарните партии. Формалната покана за состанокот ќе биде испратена денеска или утре.
На средбата ќе се разговара за клучни прашања од реформската агенда, меѓу кои се закони во делот на правосудството, Изборниот законик, изборот на правобранител и укинување на техничката влада.
Коментарирајќи го одбивањето на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да присуствува на средбата, Мицкоски изјави дека граѓаните на неодамна завршените избори јасно ги изразиле своите ставови и дека за неговата партија темата е апсолвирана.
– Нашиот фокус останува на реформите, напредокот на државата и подобрувањето на стандардот на граѓаните. Ако одлучевме да се однесуваме незрело и неодговорно како опозицијата, лидерската средба не би ни била потребна. Со мнозинството во парламентот можеме да ги менуваме законите, но сакаме процесот да биде инклузивен, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека законите што ќе бидат предмет на дискусија вклучуваат и четири закони во делот на правосудството – за јавните обвинители, судската служба, Судскиот совет и јавното обвинителство.
Тој истакна дека однесувањето на опозицијата е неконструктивно и неодговорно, а одбивањето на лидерската средба го оцени како дел од менаџерскиот договор на Филипче како претседател на СДСМ.
– Пораките од СДСМ се збунувачки и неодамнешното одбивање на средбата, иако претходно ја бараа, ја покажува нејасноста на нивното однесување, рече Мицкоски, додавајќи дека поканите формално ќе бидат доставени денеска или утре.
