
Мицкоски: Дека сум имал покана да појдам во Кочани и да поразговарам со родителите на жртвите е лага
Во изјава за медиуми денеска премиерот Христијан Мицкоски изрази жалење што родителите на загинатите во кочанската дискотека „Пулс“ не ја прифатиле поканата за средба во Владата, но, како што посочи, е подготвен да оди во Кочани, за да разговара со нив.
„Жалам што е таква одлуката. Немам проблем јас да заминам и да појдам во Кочани и апсолутно ќе сторам и какошто правев досега се за да им помогнам онолку, колку што можам да им помогнам. Но, исто така морам да кажам дека сум имал покана да појдам таму и на ваков состанок да поразговарам е лага. Такво нешто нема. Но, еве без разлика ако е ова покана кажувам дека ќе појдам во Кочани и ќе разговарам, ќе се организираме и ќе се договориме. Така да мене не ми претставува никаков проблем“, изјави Мицкоски.
Во писмено соопштение на 9 мај родителите на трагично починатите деца во дискотеката Пулс, информираа дека поканата за средба во Владата на 13 мај 2025 година во 15.00 часот во Скопје не ја прифаќаат поради нејзиното доцнење.