
Медицински канабис или параван за криминал: Владата одзема лиценци, граѓаните велат корупцијата, а не растението, е вистинскиот проблем!
Додека полицијата брои тони запленета марихуана, а Владата одзема лиценци, граѓаните се поделени: едни бараат итна забрана за да се спаси младината, а други сметаат дека корупцијата, а не растението, е вистинскиот проблем.
Македонскиот сон за „Зелена Швајцарија“ полека се претвора во црна хроника. Она што започна како хумана иницијатива за помош на болните од рак и мултипла склероза, денес е во центарот на мега-скандали со меѓународен шверц, полициски рации и преполни магацини со дрога која наместо во аптеките, завршува на црниот пазар.
Последните неколку недели, полицијата и обвинителството спроведуваат досега невидена офанзива врз фабриките за медицински канабис. Билансот е фрапантен:
Портпаролот на МВР, Гоце Андреевски, е дециден: „Констатирани се низа неправилности и голема неусогласеност меѓу документите и реалните количини.“
Анкетата спроведена на 4NEWS.mk открива длабок јаз во јавното мислење, но и огромен револт кон начинот на кој се менаџира овој бизнис.
Мнозинството граѓани се убедени дека легалната рамка служи само како параван за лично богатење.
„Сите го злоупотребуваат! На тие што се борат со рак не им се помага, го користат само за пари да се богатат,“ вели еден од анкетираните.
Голем дел од јавноста е радикален во барањата – итна забрана. Стравот дека легалните насади ја „трујат“ младината е доминантен.
„Веднаш закон против одгледување под најхитна постапка! Ако сакаме здрава младина во ова лудо време, мора стоп за канабисот,“ стои во еден од коментарите.
Сепак, има и такви кои сметаат дека Македонија ја пропуштила шансата да стане модерна држава поради корупцијата.
Според нив, ако се забрани легалното производство, црниот пазар само ќе зајакне.
„Ако нема легална, младите ќе купуваат илегална. Не треба забрана, туку институциите да проработат. Но, тие се најкорумпирани,“ забележува друг граѓанин.
Експертите предупредуваат дека целосната забрана може да има „бумеранг ефект“, но истовремено признаваат дека моменталниот систем е „дупнат“ од сите страни. Додека државата се обидува да го воведе редот со одземање лиценци, прашањето останува: Кој дозволи овие фабрики со години да произведуваат тони вишок кои никој не ги контролирал?
Македонија се наоѓа на крстопат. Дали ќе успее да го исчисти секторот од криминални структури и навистина да го стави канабисот во служба на медицината, или под притисок на јавноста ќе стави „клуч на врата“ на една гранка која ветуваше милиони, а донесе само скандали?
