
Меџити: Бујар Османи живее во дивоградба
Првиот вицепремиер и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, во гостување на Канал 5 упати остри критики кон Демократската унија за интеграција (ДУИ) и нивниот кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи. Според Меџити, токму поради тоа што Османи живее во бесправно изграден објект, тој и неговата партија молчат за проблемот со урбаната мафија во оваа скопска општина.
„На сите веќе им е јасно зошто ДУИ не зборува за бесправната градба во Чаир. И нивниот кандидат, Бујар Османи, нема морален капацитет за оваа тема – самиот живее во објект без дозвола,“ изјави Меџити, обвинувајќи ја партијата дека свесно го избегнува овој сериозен проблем.
Меџити исто така порача дека молкот на ДУИ е стратешки, а целата нејзина структура, како што рече, се сокрила зад градоначалничката Данела Арсовска и нејзината, како што ја нарече, „црна и раздорна кампања против Чаир“.
Политичката реторика се засилува пред претстојните локални избори, при што Чаир се наметнува како клучна општина во судирот меѓу ВЛЕН и ДУИ. Меџити најави дека ВЛЕН ќе ја разобличи, како што рече, лицемерната политика на нивниот политички противник и ќе се бори за, цитираме, „општина ослободена од криминал, клиентелизам и урбани договарања под маса“.

