
Матичарите ќе венчаваат и во „Порта Македонија“
Управата за водење на матичните книги склучи договор со НУ Музеј на македонската борба за самостојност – Скопје, со кој ќе ја користи свечената сала во објектот „Порта Македонија“ за организирање венчални церемонии и евидентирање бракови во матичната евиденција.
Според договорот, Управата ќе има на располагање термин секој четврток, петок, сабота и недела, од 14:00 до 17:30 часот, при што ќе се вршат официјални венчавки во објектот.
Договорот стапува на сила од 1 јуни и важи до 31 декември 2025 година, со можност за продолжување со согласност на двете страни.
„Ова е значаен чекор во насока на подобрување на услугите за граѓаните, овозможувајќи им венчавање во уникатен, достоинствен и незаборавен амбиент – во самото срце на Скопје“, велат од Управата за водење на матичните книги.