
Марш за загинатите во Кочани: „Инспекциите спиеле – децата не се разбудија!“
На денешниот марш во Кочани на родителите на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ на транспаренти кои ги носеа присутните пишуваше „инспекциите спиеле, децата не се разбудија“.
Родителите преку соопштение до медиумите кажаа дека ја одбиле поканата од Кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски за средба закажана на 13 мај во Скопје. Причината за одбивањето е доцнењето на поканата бидејќи тие уште претходно побарале средбата да се одржи во Кочани. Родителите велат дека дел од нив не се во можност да патуваат поради последиците од трагедијата. Во соопштението велат дека нивниот став не е израз на целосен консензус, туку одраз на мислењето на мнозинството меѓу нив.
Истрагата на обвинителите во Скопје и Кочани продолжува со распит на сведоци и анализа на прелиминарните вештачња. Обвинителството минатиот месец најави сослушување на над 300 сведоци.
Полицијата постапува по наредбите на јавните обвинители, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Државниот обвинител Љупчо Коцевски изјави дека се очекува истрагата да заврши во втората половина на јуни, кога ќе знае кој ќе биде обвинет.
Семејствата на жртвите бараат независна, темелна и неселективна истрага и најавија дека ако не ја добијат правдата во земјава, ќе ја бараат пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.
Во пожарот кој избувна во дискотеката загинаа 62 лица, од кои 6 малолетници, а 193 беа повредени, од кои 25 деца.
Над 60 лица досега се под истрага за пожарот, меѓу кои и двајцата поранешни градоначалници на Кочани, Ратко Димитровски, Николчо Илијев и градоначалникот кој даде оставка по пожарот, Љупчо Папазов, како и ексминистерот за економија Крешник Бектеши и Размена Чекиќ-Дуровиќ, одговорната во Министерството за економија за издадената лиценца за работа на „Пулс“ како кабаре, ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, но и раководители на сектори.