
Манев: Ние помладите даваме дополнителен импулс во репрезентацијата!
Еден од помладите е Јован Манев, стоперот кој мина една сезона во Адана, во Турција. Според него Украина ќе биде многу тежок ривал и мора да се почитува.
„Веќе влеговме во последната фаза од подготовките за мечот против Украина. Навистина не очекуваат многу тешки натпревари. Оптимисти сме, ќе дадеме се од себе да ги победиме Украинците, фокусирани сме на тој натпревар, но нема да биде лесно. Имаме голема почит кон противникот, Украина е талентиран и одличен тим. Тоа го потврдија и на синоќешниот пријателски натпревар против Германија“, рече Манев потсетувајќи на пријателското реми 3-3, синоќа во Бремен.
Со своите 22 години, се обидува да ја искористи максимум улогата на помлад играч во А-тимот, кој веќе дебитира, на пријателската средба со Фарски Острови, во март.
„Верувам дека ние помладите даваме дополнителен импулс во нашата репрезентација. Се разбира дека имаме голема почит кон поискусните. Тие се наша голема поддршка. Верувам дека заеднички придонесуваме за подобра енергија во тимот. Важно е да ги исполниме задачите од селекторот. Ако тоа го направиме на терен, убеден сум дека ќе оствариме позитивен резултат“, истакна Манев.
Македонија игра со Украина в петок од 20.45, а потоа веднаш лета за Англија, каде што ќе се соочи со европскиот вицешампион, в понеделник, на „Олд Трафорд“.
