
Македонските специјалци за првпат на координирана мисија во сојузничка држава
Армијата на Република Северна Македонија информира дека за првпат во својата современа историја, македонските специјалци заедно со колегите од Командата на специјалните сили на Република Унгарија извршуваат координирани специјални задачи на тлото на сојузничка држава.
Оваа активност е дел од заедничката операција „Operation Cold Peak“, која, како што велат од АРСМ, претставува потврда за највисоко ниво на обученост, интероперабилност и меѓусебна доверба меѓу сојузничките сили.
„Предуслов за извршување на овие исклучително сложени задачи е одличната соработка на полето на обуката, меѓусебната координација и заокружениот планирачки процес“, соопштија од Армијата.
Со оваа заедничка операција се зајакнуваат партнерските односи и се потврдува подготвеноста на македонските специјални единици да одговорат на најсложени предизвици во одбраната на сојузниците.

