
Македонски лични документи, до кога важат со Република Македонија?
Од среда на полноќ, возачките дозволи на кои пишува Република Македонија престануваат да важат целосно. И не смее да управувате возило стара возачка, ако ве контролира полиција ќе бидете казнети. Пасошите исто така, но ако се најдете на влез на македонска граница ќе ви биде дозволен влез. Личните карти ќе важат до датата на важност впишана на вашата лична карта. Со лична карта ќе може да излезете кон Албанија, Косово и Србија, но нема гаранција дека ќе ви биде дозволен влез во некоја од овие три држави. Истото важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти. На регистарските ознаки пак мора да имате ознака НМК, ако ја немате може бесплатно да ја подигнете во станица за технички преглед каде мора да отидете со вашето возило.
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година, согласно веќе донесените законски измени, а во врска со Преспанскиот договор, престануваат да важат патните исправи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само патните исправи со името Република Северна Македонија. Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно. Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така, потенцираме дека било кој граѓанин на Република Северна Македонија кој ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава, ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа.
Што се однесува до личните карти, ги известуваме граѓаните дека тие ќе важат и по 13 февруари, без оглед дали се со името Република Македонија или Република Северна Македонија и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на нашата држава. За излез, пак, од државата во земјите со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од страна на нашите гранични полициски службеници доколку имаат лична карта со името Република Македонија, но не можеме да гарантираме дека ќе бидат примени од другите држави. Истото важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти.
Околу возачките дозволи, ги известуваме граѓаните дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна Македонија.
Министерството за внатрешни работи ќе постапува согласно закон и затоа апелираме граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија. Предупредуваме и дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета.
Во однос на налепниците НМК за регистерските таблички, повторуваме дека тие се комплетно бесплатни за граѓаните, а секоја евентуална злоупотреба односно било какво наплаќање ќе биде ригорозно санкционирано. Граѓаните можат во било која станица за технички преглед да отидат со возилото и сообраќајната дозвола и од страна на контролор од станицата за технички преглед ќе им бидат залепени налепниците на регистерските таблици.
