
Македонија со пораз го затвори турнирот „Чајка“ – во три сета Грција нѐ победи (ФОТО)
Македонските одбојкари имаа два добри сета во кои нијанси решаваа, а Грците го искористија нашиот хендикеп со неиграњето на Маџунков, па откако првиот го добија со 25-23, а вториот со 25-22, во третиот сет одигравме под нивото и освоивме само 16 поени, а конкурентни бевме само со 15-12.
Никола Ѓорѓиев имаше 15 поени, а Љафтов седум, додека незапирлив кај Грците беше Мухалис со 20 поени.
Ова беше последниот тест на Македонија пред Европското првенство на кое сме ко-домаќини и стартува за десетина дена во Скопје. Македонија на овој турнир Чајка загуби во три сета од Јапонија, па го победи Египет со 3-1, а вечерва во три сета загуби и од Грција.
„Објективно се посилни, без да го сметаме хендикепот со отуство на Маџунков кој е клучен на таа позиција, се надевам дека идната недела ќе се приклучи, тешко е вака да се игра против екипи кои се силни на центарските позиции. Имавме два добри сета, имавме свои добри моменти, знаеме кај е проблемот, но имаше и добри моменти како мечот со Египет, а мора да кажам дека и нѐ стигна заморот. Одигравме доста мечеви, имаше добри мечеви со одлични моменти ивој турнир беше добра проверка за Македонија“, рече селекторот Јошко Миленковски.





