МАКЕДОНИЈА СО НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА КОРУПЦИЈАТА, РАСТ НА БДП НАД ПЕТ ОТСТО, СИЛНА НАЦИЈА – моќни пораки од Самитот на Македонија 2025
Македонија денеска беше домаќин на економски настан од највисок калибар, а тоа е Самитот на Македонија 2025, кој успеа да собере на едно место видни гости од светот на домашниот бизнис, но и врвни деловни луѓе од македонската дијаспора, кои се и повеќе од успешни во моќни странски корпорации, и чија главна цел е како тој економски успех да да постигне и во земјава, со што таа ќе стане прогресивно и пристојно место за живеење, и ќе се спречи одливот на младите луѓе.
Никица Мојсовска Блажевски, извршен директор на Македонија 2025, пренесе силна порака. Потребна е, рече таа, интензивна и темелна акција во наредниот период. Напредокот е бавен и недоволен за да ги постигнеме нашите цели и неопходни се силни и решителни активности. Според неа, на повеќето меѓународни рангирања и извештаи, државава заостанува и зад земјите во регионот и зад аспиративните врсници. Предизвиците за Македонија покрај ниското ниво на економски развој се и големите геополитички промени кои влијаат на малите економии, како и големиот одлив на мозоци.
„Се чини дека нови линии на поделба континуирано се развиваат во земјата. Нискиот животен стандард и нискиот квалитет на живот дополнително ја влошуваат поделбата што доведува до битка за тоа кој ќе го зграби поголемиот дел од јавниот колач – јавни вработувања, тендери, злоупотреба на јавните ресурси итн. Етничката поделба е силна и се чини дека навлегува во секоја суштинска дискусија и јавна дебата. Долгата транзиција и отсуството на значаен напредок ги попречуваат нашите погледи кон реалноста и нашата способност да размислуваме долгорочно. Сегашните геополитички случувања дополнително наметнуваат сложеност и неизвесност на целокупното окружување и на расположивиот простор за реформи. Сето ова како и бавниот напредок во приближувањето кон животниот стандард на ЕУ нешто што е цел на секој еден граѓани во оваа држава повикува на интензивна и темелна акција во наредниот период“, рече Мојсовска Блажевски.
Се осврна на изборните резултати на последните парламентарни и претседателски избори кои како што рече, дадоа силна поддршка за нова политилка опција и нова програма и идеологија. Меѓутоа, свесни се дека предизвиците на патот се многу многу големи, потенцираше извршната директорка на „Македонија 2025“.
Го повтори повикот на „Македонија 2025“ за здружување на сите на патот до просперитет преку платформата „Една визија за збрзан раст“.
„Фундаментите на оваа визија се: нулта толеранција за корупција, континуиран раст на БДП над пет проценти, преку зголемени инвестиции во образование, деловни и регулаторни реформи, поддршка на извозот и намалување на сивата економија, квалитена и ефикасна јавна администрација и пристапување во Европската унија. Апелираме и ги повикуваме политички партии, бизнис заедницата, академската јавност и сите граѓани да ги здружиме напорите и ресурсите за создавање подобра иднина. Мора да ги мобилизираме сите наши ресурси денес за да ја обликуваме нашата иднина“, рече Мојсовска Блажевски.
Живко Мукаетов, член на Одборот на директори на Македонија 2025, на пресконференцијата посветена на овој настан, нагласи дека го посетиле импозантна бројка на луѓе, и тоа и од земјава, но и од странство.
„Темите кои се важни за нас како бизнис заедница, но и од аспект на тоа како државата да оди напред, почнаа да се дискутираат и на првите панели, а тоа секако е меритократијата, борбата против корупцијата, потребата за инфраструктура која ќе ја направи земјава конкурентна и во однос на соседните земји, но и Европа и светот, како да порасне извозот, како образовниот систем да биде подобар, и сето ова да придонесе за да дојдеме заедно до она што е главната цел, а тоа е раст на БДП од најмалку пет проценти, за да може државата полека да фати приклучок со сите останати, и во регионот и пошироко“, ги пренесе Мукаетов суштинските пораки.
А, првите панели на Самитот беа вистинско освежување за домашната бизнис сцена. Мајк Зафировски, идеен творец на организацијата уште пред многу години, рече дека Визијата на Македонија 2025 била да се изгради силна нација.
„Ние не сме политички определени, ни лево, ни десно, туку веруваме во силна демократија. Сите овие 13 години настојуваме Македонија да биде добар пример и за регионот, и за Европа и за светот. Поларизацијата овде е многу голема, економскиот раст е бавен, младите се иселуваат, и сето тоа создава разочараност на населението. Мора да се соочиме со реалните предизвици во иднина. Земјата треба да се стабилизира. Клучни се три работи, нулта толеранција за корупцијата, меритократија и БДП раст од пет отсто. Корупцијата е рак рана и воодушевен сум што ние имаме одбор кој се бори против корупцијата. Околу растот од пет отсто, ние ефективно лобираме во САД и другите држави со цел да помогнеме околу тој напредок, а на Гала велерата беа собрани значајни средства кои се инвестираат во раст и за борба против корупцијата. Време е сега да се создаде силна нација“, рече Зафировски.
Тој нагласи дека за да расте економијата се потребни силни инвестиции во инфраструктурата, но и намалување на сивата економија, од која економијата губи милиони евра, и која во Македонија е многу повисока од Европа. Смета дека Владата треба да помогне да се привлечат странски инвестиции, а изрече и пофалби за работењето на неколку компании во земјава.
„Гледам што прави Живко Мукаетов со ‚Алкалоид’, ‚Костал’ кој инвестира милиони евра во државава, што прави Бојан со ‚Џонсон Мети’, имав средби и со ‚Скопска Пивара’, се се тоа одлични компании кои се пример за развој на бизнисот. Но, и Владата треба да помогне со ставање акцент на извосот, и нејзин приоритет да биде економскиот раст“, рече Зафировски.
Претседателката на државава, Гордана Силјановска Давкова не успеа да се обрати на Самитот поради обврски, но таа ќе има поединечни средби со лидерите.
Н.Н.Ф.