
Македонија под снег: Облечете се убаво, ни доаѓаат ниски температури и појава на голомразица
Во Македонија денес имавме облачно време со врнежи од снег, ветровито и студено време со пад на дневните температури. Во вечерните часови и во текот на ноќта сабота кон недела врнежите од снег ќе продолжат, а поради падот на температурите можна е појава на умерен мраз и голомразица.
Во недела над стариот континент ќе имаме доминација на антициклонска атмосферска циркулација која што ќе условува претежно сончево време со појава на локална облачност и студено време. На британските острови се очекуваат врнежи од дожд и засилен ветер со удари до 100 км/ч, додека пак на Скандинавија со врнежи од снег.
На Балканскиот полуостров ќе преовладува претежно сончево време со појава на локална облачност, ветровито и студено време. Во Грција со врнежи од дожд. Максималните температури ќе се движат во интервал од 0 до 10 степени.
Во Македонија во недела во раните утрински часови врнежи од снег ќе престануваат и во текот на денот ќе преовладува претежно сончево време со појава на локална облачност, ветровито и студено време. Ќе дува доумерен североисточен и северозападен ветер кој што ќе достигне брзина и до 40 км/ч. Минималните температури ќе се движат од -11 до -1 степен, додека пак дневните од -4 до 7 степени. Во текот на ноќта недела кон понеделник појава на умерен мраз и услови за појава на голомразица.
Во Македонија во понеделник и вторник ледено утро со појава на умерен мраз и утрински температури кои што ќе се движат во интервал од -13 до -3 односно од 11 до -2 степени. Во текот на денот ќе преовладува претежно сончево време со појава на локална облачност и потопло време со дневни температури од -4 до 7 односно од -2 до 8 степени. Во среда и четврток студено утро со пораст на утринските температури кои што ќе се движат во интервал од -7 до 1 односно од -5 до 3 степени. Во текот на денот ќе преовладува претежно сончево време со појава на локална облачност и потопло време со дневни температури од 0 до 9 односно од 4 до 13 степени.
Во Скопје во понеделник и вторник ледено утро со утрински температури од -6 односно -5 степени. Во текот на денот претежно сончево време со локална облачност и дневна температура до 4 односно до 5 степени. Во среда и четврток претежно сончево време со локална облачност. Минималната температура од -2 односно 0 степени, додека пак дневната ќе достигне до 6 односно до 10 степени.
