
Македонија непоразена против Белгија – го задржа првото место во групата!
Фудбалската репрезентација на Македонија го оствари зацртаниот план – ремизираше без голови (0-0) на гостувањето кај Белгија и го задржа првото место во групата од квалификациите за Светското првенство 2026, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Дуелот во Брисел беше вистинско тактичко ремек-дело на селекторот Благоја Милевски, налик на легендарното „катанаџо“ против Италија во Палермо. Белгијците доминираа и упатија над 25 удари кон нашиот гол, но не успеаја да ја совладаат блескавата форма на Столе Димитриевски, кој со серија фантастични интервенции го одбрани бодот за Македонија.
Руди Гарсија започна со офанзивна поставеност, но без класичен напаѓач, додека Милевски возврати со дисциплиниран систем 3-5-2. Нашиот среден ред, предводен од Енис Барди, Атанасов и Костадинов, успешно го неутрализираше противникот. Белгијците постигнаа гол преку Тросар во 18. минута, но истиот беше поништен поради офсајд.
Во второто полувреме Македонија одбрани уште неколку опасни акции, со херојски настап на Димитриевски и компактна дефанзива. Со текот на времето Милевски внесе свежина преку Чурлинов, Деспотовски и Алими, кои помогнаа да се сочува резултатот до крајот.
Со овој бод Македонија останува лидер во групата со 12 поени, пред Белгија со 11 и Велс со 10, кој има еден натпревар помалку. Следниот предизвик за црвено-жолтите е дуелот со Казахстан во понеделник од 20:45 часот во Скопје.