
Македонија има право да аплицира за европскиот одбранбен фонд SAFE
Вкупно 18 држави побарале заеми во вредност од 127 милијарди евра преку инструментот SAFE, наменет за зајакнување на одбранбените капацитети на Европа, соопшти Европската комисија.
Програмата „SAFE“ (Support to Accelerate Funding for European Defence) е централна алатка во стратегијата на ЕК за унапредување на заедничките набавки на оружје и воена опрема, како одговор на перцепираната руска закана и новите геополитички предизвици.
На повикот од Комисијата, досега се пријавиле: Белгија, Бугарија, Грција, Естонија, Италија, Кипар, Летонија, Литванија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Унгарија, Финска, Франција, Хрватска, Чешка и Шпанија. Овие 18 држави поднеле барања за финансирање во вредност од 104 милијарди евра.
Дополнително, и земји кои не се членки на Европската Унија, но имаат потпишано договори за безбедносно и одбранбено партнерство со ЕУ – меѓу кои е и Македонија – имаат право да аплицираат за средства од програмата SAFE.
Првичните стравувања на Европската комисија беа дека интересот ќе биде помал од очекуваното и дека вкупната сума на поднесени апликации ќе биде помеѓу 75 и 100 милијарди евра. Поради тоа, ЕК испратила писма до сите членки, поттикнувајќи ги да ги искористат средствата што им стојат на располагање.
Останатите 23 милијарди евра од фондот сè уште се достапни, а земјите кои досега не аплицирале имаат рок до ноември да поднесат барања и детален план за распределба и употреба на средствата.