
„МАКЕДОНИЈА Е ГЛАС НА РАЗУМОТ“: Мицкоски со Зеленски во Минхен – Украинскиот претседател се жали на притисок за отстапки
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски оствари средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Додека Мицкоски ја потврди поддршката за „праведен мир“, Зеленски изрази загриженост дека од Украина се бараат премногу отстапки во пресрет на клучните преговори во Женева.
Во придружба на министрите за одбрана и за надворешни работи, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, премиерот Мицкоски порача дека само мирот базиран на достоинство може да донесе стабилност.
Покрај безбедносните прашања, на средбата се разговарало и за економска размена и продлабочување на соработката меѓу двете земји.
Во меѓувреме, фокусот на Зеленски е насочен кон претстојните трилатерални преговори (Украина, Русија, САД) кои треба да се одржат во Женева на 17 и 18 февруари.
Зеленски призна дека чувствува „мал“ притисок од американскиот претседател Доналд Трамп, кој се обидува брзо да протурка мировен договор. Трамп вчера порача дека Зеленски не треба да ја пропушти „можноста“ и го повика „да се активира“.
Украинскиот претседател изрази надеж дека преговорите ќе бидат суштински, но не го криеше незадоволството од насоката во која се движат дипломатските притисоци.
Тој ја обвини и Москва дека тактизира и се обидува да ги одложи одлуките преку промена на својот главен преговарач.
