
Луна парк до јуни 2027? Градот во финална фаза на тендер
Скопје се подготвува за нова фаза во развојот на јавниот превоз. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека теренските активности за проектот БРТ се очекува да започнат во 2027 година, додека постапките за тендерирање би требало да стартуваат во втората половина од годинава.
Во интервју за Радио Слободна Европа, Ѓорѓиевски истакна дека процесот бил откочен во соработка со Европската банка за обнова и развој и дека станува збор за значаен инфраструктурен проект кој треба да придонесе за намалување на сообраќајните гужви.
Покрај БРТ, градот планира и обнова на возниот парк. Според најавите, со поддршка од Владата ќе бидат набавени 100 нови автобуси, а дополнително се предвидуваат уште најмалку триесет преку БРТ-проектот. Целта е да се обезбеди доволен капацитет за покривање на целата територија на градот, вклучително и нови траси кон Радишани и кон Драчево.
Во моментов, како што посочи, во функција се околу 180 автобуси на ЈСП Скопје, вклучително и возила кои биле поправени и вратени во сообраќај. Тој повика граѓаните да пријавуваат евентуални неправилности поврзани со возниот ред или доцнењата.
Во однос на сообраќајната и еколошката политика, градоначалникот најави паралелен пристап – решавање на тесните грла во сообраќајот преку подобрување на инфраструктурата, но и поттикнување на еколошки транспорт, субвенции за такси-превозниците и долгорочни решенија поврзани со енергетиката.
Ѓорѓиевски се осврна и на проектот за нов Луна парк, посочувајќи дека тендерската постапка е во завршна фаза и дека очекува реализација до јуни 2027 година.
