
Лукашенко: САД ја притискаат Русија да користи нуклеарно оружје
Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека со вооружувањето на Украина, САД ја притискаат Русија да користи нуклеарно оружје, пренесе БГНЕС повикувајќи се на Си-Ен-Ен.
„Оставен сум со впечаток – повторно, ова е мое мислење – дека Американците ги туркаат Русите да го користат најстрашното оружје. Тие го вооружуваат Володимир Олександрович Зеленски и неговата војска и обезбедуваат ракети со долг дострел. Дури и проектили способни да прелетаат 300 километри“, рече Лукашенко за време на неговата посета на воен објект во регионот на Брест.
Лукашенко додаде дека доколку таков проектил погоди руска територија, Москва ќе мора да одговори.
„Еден таков напад длабоко во руска територија и одговорот ќе биде колосален. Инаку, зошто ни е потребно ова нуклеарно оружје“, рече Лукашенко.
Според него, разгорувањето на тензијата меѓу земјите може да доведе до ситуација Русија „ќе го повлече црвеното копче и ќе го стави на маса“.
Тој истакна дека „Американците не се плашат за својата безбедност бидејќи се преку океанот“.
Коментарите на Лукашенко дојдоа откако рускиот претседател Владимир Путин еден ден претходно изјави дека е можно да се повлече ратификацијата на договорот за забрана на нуклеарни проби.
Еден ден по коментарите на Путин, претседателот на руската државна дума Вјачеслав Володин рече дека Советот на Државната дума „дефинитивно ќе разговара за прашањето за отповикување на ратификацијата на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови“ на следниот состанок.