
Лошиот влез во второто полувреме скапо го чинеше Алкалоид (ФОТО)
Причината за поразот на нашиот претставник лежи во падот во играта во првите седум минути од второто полувреме. Во нив, Данците направија од 5-0 и поведоа со 22-16, разлика која потоа ја одржуваа до крајот и дојдоа до победата.
Во првите 30 минути, Алкалоид одлично се држеше и постојано му беше зад петите на домашниот тим. Бјерингбро-Силкеборг еднаш резултатски се оддалечи, на 7-3, но нашиот тим брзо се врати во игра, три пати го израмни резултатот (13-13, 15-15 и 16-16) пред данскиот претставник да постигне гол и на одмор да замине со +1 (17-16). По подобриот старт на второто полувреме, Бјерингбро-Силкеборг подоцна имаше и +7, Алкалоид во неколку наврати се доближи на три гола негатива, но не успеа да направи целосен пресврт.
Убедливо најдобар играч кај Алкалоид беше Марко Митев кој постигна девет гола од девет шута. По четири гола постигнаа Џонов, Серафимов и Бинго, а три додаде Стојковиќ.
По четири одиграни кола, Алкалоид останува на еден освоен бод, а идната недела гостува во Нови Сад, кај Војводина.
