
Лидерската средба ќе се одржи в понеделник во 12 часот
Од Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) денеска соопштија дека најавената лидерска средба на премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски со сите претседатели на парламентарните политички партии ќе се одржи в понеделник во 12 часот.
-Жалиме што ќе мора да му ја пореметиме агендата на Христијан Мицкоски, кој очигледно, како што потврдува неговата ДПМНЕ работи само два часа во текот на денот, од 09-11 часот. Средбата во понедленик, 4-ти декември 2023 година ќе биде во 12.00 часот, наведоа во соопштение од СДСМ.
Нивното соопштение следува откако денеска од ВМРО-ДПМНЕ брифираа дека од медиумите дознале оти Ковачевски закажува лидерска за в понеделник и оти за нив е прифатлива средба во тој ден но, како што наведоа, после 11 часот бидејќи претседателот на ВМРО – ДПМНЕ има часови со студенти на Машинскиот факултет.
– Од медиумите дознавме дека премиерот Ковачевски закажува лидерска средба за понеделник поврзана со изборите. Таквата комуникација преку медиуми за вака важни прашања е негов избор. Лидерска средба е секако прифатлива за во понеделник, на која очекуваме да се разговара конечно за прецизирање на датум за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички оремиер од ДУИ, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
