
Личните податоци на граѓаните под ризик – ревизорски извештај откри пропусти во Централниот регистар
Државниот завод за ревизија предупредува на сериозни слабости во безбедноста на личните податоци во Централниот регистар на население. Во извештајот кој го опфаќа периодот од 2019 до 2024 година, се нотира дека иако системот во основа функционира согласно закон, бројни пропусти ја доведуваат во прашање довербата на граѓаните во институциите.
Недостига стручен и квалификуван кадар, особено во делот за стандардизација и сертификација, како и дека не постојат процедури за проверка на квалитетот на податоците. Ова, како што се наведува, резултира со ризик граѓаните и институциите да користат несоодветни и неажурирани информации.
„Недостатокот на пишани процедури за управување со Централниот регистар на население може да доведе до неконзистентно толкување на законските надлежности за одобрување на пристапот, без ревизорска трага и двојна контрола“.
Дополнително, податоците се синхронизираат само еднаш дневно, што остава простор за несогласувања. Разликите настануваат доколку се внесе промена во текот на денот, а таа не биде веднаш ажурирана во Централниот регистар. Така, институциите кои користат податоци ризикуваат да обработуваат застарени информации.
„Овие состојби не се усогласени со законските надлежности и можат да ја нарушат заштитата на личните податоци и да ја намалат довербата во институциите“, се вели во извештајот.
Во препораките, Државниот завод за ревизија бара зајакнување на човечките капацитети, воспоставување јасни процедури и прирачници за работа, воведување механизми за проверка на квалитетот на податоците, како и системски контроли за размена на информации меѓу институциите.
