
Левица ќе иницира законски измени поради честите измами со брзи кредити
Политичката партија Левица реагира за измамите со брзи кредити кои се чести во земјава. Велат дека расте бројот на измамени граѓани со брзи кредити и затоа ќе иницираат законски измени.
Велат дека „продавниците за пари“ ги известуваат граѓаните дека треба да враќаат кредити за кои воопшто не аплицирале.
Во 2021 година во Македонија, се регистрирани 142 кривични дела за злоупотреба на лични податоци, за кои по преземени мерки, кривично се пријавени 67 сторители.
„Во 2022 година регистрирани се 125 кривични дела и мерки на кривичен прогон се преземени против 76 сторители, додека во 2023 година само за седум месеци има 65 пријави до МВР“, велат од партијата.
Вистинската бројка на ваквите случаи според Левица, сигурно е поголема, затоа што голем дел од оштетените граѓани стравуваат од извршители и наместо да пријават, ги плаќаат туѓите долгови.
Левица претходно реагираше дека во овој бизнис се инволвирани роднини на политичката елита, како синовите на Љубчо Георгиевски и Зоран Верушевски, како и мајката на Трајче Заев.
Министерството за финансии, Фатмир Бесими и покрај тоа што е задолжено да врши надзор над овие „продавници за пари“ како финансиски друштва, сепак, воопшто не се огласува за проблемот со масовната појава на измами во овие друштва.
Во полициските билтени често има пријави за злоупотребени лични податоци и подигање на брзи кредити со нив.
