
Лебот нема да поскапи, цените остануваат стабилни
Претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК), Горан Ѓорѓиевски, денеска изјави дека цената на лебот нема да се зголеми. Тој истакна дека цената на пченицата е стабилна, а нема очекувања за големи флуктуации ниту кај суровото сончогледово масло.
На прес-конференција, Ѓорѓиевски нагласи дека бизнисот е за пазарно формирање на цените, а не за замрзнување на маржите. Според него, треба доследно да се применува Законот за нефер трговски практики.
Во однос на минималната плата, тој посочи дека е важно да се одржи баланс при зголемувањето, бидејќи покачувањето на минималната плата влијае и на зголемување на другите плати. „Проблем не е бизнисот, туку администрацијата. Треба да се работи за да се зема плата и да се креира ситуација на работа во општеството“, нагласи Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека во приватниот сектор квалитетниот кадар добива одлична плата, а оние кои не се задоволни имаат можност да си заминат.

