
Кузмановски се извини на Фејсбук: Тоа е постапка со која не се гордеам, момент на слабост, секој човек прави грешки!
Разрешениот директор на Клиниката за неврологија, Игор Кузмановски, вечерва се огласи на Фејсбук по објавувањето на скандалозното видео на кое, според снимката, се гледа како „шмрка бело“. Тој изрази длабоко жалење и извинување за постапките, нагласувајќи дека настанот се случил пред да ја преземе функцијата директор.
„Изразувам длабоко каење и се извинувам поради постапката која се има случено далеку пред моето преземање на менаџирањето на Клиниката за неврологија. Тоа е момент на слабост со кој не се гордеам и кој не смее да биде пример,“ напиша Кузмановски.
Тој додаде дека секој човек прави грешки и дека ова искуство му било лекција.
„После ова знам дека грешката нема да се повтори и сум подготвен да живеам со сите мои подеми и падови,“ вели тој.
Кузмановски истакна дека се повлекува од директорската функција задоволен од резултатите што ги постигнал со својот тим, и најави дека ќе продолжи да работи како лекар.
„Се извинувам на сите кои ги разочарав и ќе продолжам да работам она што најмногу го сакам – да спасувам животи и да помагам на заедницата,“ порача Кузмановски.