
КУРТИ КАКО ПИНОКИО: Социјалдемократите ќе протестираат против формирање на Заедница на српски општини
Во косовскиот главен град Приштина се појавија фотографии од косовскиот премиер Албин Курти со нос како Пинокио.
Социјалдемократската партија на Косово најави протест против формирањето на Заедницата на српските општини. Ќе протестираат во сабота.
Секретарот на Социјалдемократската партија, Нол Нуши, вели дека долгиот нос е асоцијација со „лагите и популизмот на Курти“ во врска со дијалогот со Белград.
На вицепремиерот задолжен за дијалог со официјален Белград, Бесник Бислими деновиве активисти му фрлија торта и милкшејк на костумот. Србија инсистира на формирање на Заедницата на српски општини, но косовските граѓани очигледно се против. Викендов во Охрид, најмалку 10 часа преговараа Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.

