
Кривична пријава за полицајка од Штип – се сретнала со друга полицајка, насилно ја внела во БМВ и ја тепала!
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство Штип поднесе кривична пријава против Ј.Н. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,противправно лишување од слобода“, предвидено и казниво по член 140 став 1 од Кривичниот законик.
Пријавената Ј.Н., вработена во ПО за БПС Кочани при СВР Штип, на 13.09.2025 на место викано „Суитлак“ во Штип, откако се сретнала со женско лице – вработено во МВР со договор за вработување како полицаец – приправник во Одделение за полиција при СВР Штип, насилно ја внела во возило „бмв“ со кое пријавената Ј.Н. дошла на наведената локација, по што почнала да ја удира по телото, притоа не дозволувајќи и да излезе од возилото и да си замине, со што и ја одзела и ограничила слободата на движење.
Со сторување на наведените дејствија постои основано сомнение дека пријавената Ј.Н. сторила кривично дело ,,противправно лишување од слобода“, предвидено и казниво по член 140 став 1 од Кривичниот законик.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против Ј.Н. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување – суспензија од работното место до завршување на дисциплинската постапка.

