
Кристинсон во финишот го уништи сонот на Тиквеш (ВИДЕО)
Во реваншот против исландскиот Бреидаблик, кавадарчани доживеаја пораз од 1-3 со што се анулирани оние 3-2 од првиот меч што се одигра минатата недела во Скопје. Болката е поголема ако се знае дека Тиквеш водеше вечерва, но потоа прими наивни голови и на крајот мораше да му честита на противникот.
Погодокот за водство го постигна Спахиу по само девет минути игра, на асистенција на Витао. Се чинеше дека Тиквеш ќе замине со предност на голем одмор, но Стеиндорсон го израмни резултатот пред истекот на полувремето и тоа се покажа како мошне важен момент за натамошниот тек на натпреварот. По осум минути игра во вториот дел Гунлаугсон од голема далечина ја затресе мрежата на Тиквеч, а Кристинсон во финишот го постигна голот за пласман на Бреидаблик во следната фаза од квалификациите.
Во второто коло исландскиот тим ќе се сретне со Дрита од Косово, а на европска сцена, од македонските клубови останува само шампионот Струга.