
Ковачевски: Транспарентноста е одлика на демократски влади, сите институции да го следат примерот на Владата
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска се обрати на отворањето на конференцијата „Транспарентност и отчетност – Совршен пар за враќање на довербата во институциите“ која денеска се одржа во хотел „Лимак“ во Скопје.
На отворањето на конференцијата учествуваше и амбасадорот на Обединетото Кралство Метју Лосон.
Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски на конференцијата во целост:
„Чест ми е што денес сум дел од оваа конференција и што имам можност заедно со Институтот за комуникациски студии, заедно со сите гости, со почитуваниот амбасадор на Велика Британија, господин Лосон, со сите медиуми да поразговараме на оваа тема.
Мислам дека веќе сите знаат дека и како премиер и како личност, сум човек кој сака бројки и факти. Бројките и фактите не лажат, не се подложни на интерпретација и на различни толкувања.
Затоа ќе започнам со факт. Факт е дека од 2017 наваму, Владата е отворена и транспарентна, и тоа го докажуваат бројките кои произлегуваат од годишни, методолошки издржани и споредливи мерења.
Бројките за Владата, според Центарот за граѓански комуникации, кој го мери Индексот на активна транспарентност велат дека во 2016 имало 25% транспарентност, која започнува да расте и во последниве две години достигнува и задржува 100% транспарентност.
Бројките според регионалното мерење на ActionSEE, која го мери индексот на отвореност на 6 земји во регионот врз основа на голем број на индикатори, ја позиционираат нашата Влада како најдобро рангирана во однос на 107 институции кои ги мерат во Северна Македонија, и тоа со високи 77,68% со еден процент зад Црна Гора која е 78,68%. Овој позитивен натпревар со Црна Гора е според мене најздравиот натпревар кој две демократски земји може да го имаат меѓу себе.
Важно да знаеме дека одговорноста има име и презиме. Секоја институција има некој кој ја раководи и лица вработени во истата со свои задолженија, обврски и одговорности. Така може да разговараме за Министерството за одбрана кое според Индексот има постигнато 100% неколку години со ред, финансии со 98,1%, здравство со 91,3% итн.
Точно е дека има некои министерства кои сè уште го немаат стигнато нивото на Владата од 100%, но тука морам да нагласам дека скоро сите министерства имаат оцена „многу добра„ или „добра“ транспарентност. Воедно, земено во целост, вкупната активна транспарентност на институциите во 2023 е 76%, во 2021 била 63%, за разлика од 2016 кога била 45%. Тоа е индикатор дека активно работиме да се зголеми транспарентноста.
Еве уште еден факт, Владата е отворена. Ова го докажуваат бројките на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер и достапноста на Канцеларијата на портпаролот за бројните одговорени новинарски прашања секојдневно.
Извештајот на Генералниот секретаријат за барања за слободен пристап до информации од јавен карактер вели дека во 2019 се одговорени 131 од 140 барања. Кога зборуваме за барање тоа не значи едно прашање, туку често пати барањето се состои од стотици прашања. Во 2020 се 190 од 219 побарани, во 2021 се одговорени 754 од 760 барања, во 2022 се примени 58, а одговорени 57 барања.
Постојат и мал број одбиени и отфрлени барања по законска основа, но нема неодговорени барања, а тоа се должи и на соработката со Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Извештаите од мојот кабинет за слободен пристап до информации од јавен карактер, велат дека во 2022 сме имале 22 барања, во 2021 сме имале 40, во 2020 сме имале 25, и во сите овие три години нема неодговорено барање, односно или е даден одговор или е пренасочено кон институцијата која ја има информацијата.
Она за коешто би сакал да дадам коментар е тезата на оваа конференција, односно идејата дека транспарентноста на Владата е од клучно значење за довербата на граѓаните. Граѓаните воглавно ја градат довербата врз основа на перцепција и лични искуства, а ретко врз основа на факти и научни мерења. Иако фактички транспарентноста и отчетноста може да биде висока, довербата може да биде ниска, и за тоа клучна улога играат неколку фактори.
