
Ковачевски: Ова е година на европски можности, клучна за брза интеграција и европски животен стандард, дома
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска имаше воведно обраќање на годишната конференција „Година на европски можности“, во организација на Владата.
Ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски:
„Почитувани членови на Владата,
Почитувани пратеници,
Почитувани претставници на институциите, на деловната заедницата, граѓанскиот сектор, почитувани професори, почитувани членови на МАНУ,
Почитувани екселенции, пријатели од меѓународната заедница,
Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани граѓани,
Ви посакувам искрено и срдечно добредојде на дводневната годишна конференција – „Година на европски можности“.
Денес имам лична, но верувам и сите ние заедничка, возбуда, одговорност, обврска.
Да направиме кратко потсетување каде бевме скоро, но најважно од сѐ, да говориме, дебатираме и да се договориме колку брзо ќе одиме, таму каде што нашите граѓани сакаат да се движиме, таму каде е најдобро за граѓаните и државата, таму каде е семејството на модерни и одржливи држави.
Бидејќи, ако погледнеме наназад, изминативе скоро 3 години, но и пред тоа, јас сум сигурен дека ниту најголемите песимисти не можеа да замислат со какви предизвици ќе се соочи Северна Македонија и нашите граѓани, наметнати од глобалните здравствени, безбедносни и економски случувања.
Тоа беа тешки периоди и за најразвиените држави. Тоа беа многу тешки периоди и за многу поголемите, посилните и побогатите од нас. Но, ние знаевме дека и пред, и тогаш, и сега, силата на една држава, на граѓаните, лежи во вербата, во убеденоста, во заедништвото, во солидарноста, во идејата да се биде дел од целината, да се биде дел од прогресот и државите базирани на вредности и принципи.
И во такви тешки времиња не отстапивме од спроведување на нашите политики засновани на принципите на европски вредности и не се откажавме од исполнување на нашите стратешки цели.
Со цврста убеденост, со секојдневна работа и посветеност на нашите вредности и политики, неповратно ја зацврстивме и обезбедивме европската перспектива на Северна Македонија, поставувајќи на најдобар начин единство на сите најважни работи на една држава и еден граѓанин: почит кон минатото, подобра сегашност и извесна и просперитетна иднина.
