
Ковачевски на СЕФФ 2023: Местото на Северна Македонија е во ЕУ, со најдобрите и економски најразвините земји
Со воведно обраќање премиерот Димитар Ковачевски го отвори третиот Скопски економски и финансиски форум (СЕФФ), на тема „Европа – ДА, Европа – СЕГА“ во организација на Министерството за финансии.
На конференцијата свои официјални обраќања имаа и министерот за финансии Фатмир Бесими како и еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан.
Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски во целина:
„Искрено, Ви благодарам за поканата и годинава да го отворам третиот по ред меѓународен Скопски економско-финансиски форум организиран од Министерството за финансии. Овие два дена се навистина ретка можност за транспарентна и корисна дискусија, размена на идеи и искуства меѓу креаторите на политиките и политичките претставници, меѓународните партнери за развој, граѓанското општество, академската јавност, бизнис-секторот. Целта е креирање синергија на идеи и иницијативи за одржливи решенија за забрзана европска и регионална економска и политичка интеграција, како важен катализатор на економскиот напредок.
Како никогаш досега Европа е свртена кон и посветена на државите од Западен Балкан. За релативно кратко време земјите од регионот имаат можност да ги интензивираат институционалните и структурните реформи и да ја зајакнат конкурентноста на глобалниот пазар, да ги искористат придобивките на дигитализацијата, технолошкиот и зелениот развој, како идни земји членки на Европската Унија.
Членството во Европската Унија зависи и од ентузијазмот во Унијата за проширување и продлабочување на европските интеграции, но и од напорите на државите-кандидати да ги исполнат потребните високи критериуми и стандарди, преку почитување на фундаменталните европски вредности. Овој процес е од взаемна корист и за едната и за другата страна.
Земјите од регионот на Западен Балкан се соочуваат со бројни предизвици. Глобалните случувања изминативе години кои го променија светот во целост, имаа големо влијание и врз економиите на земјите од регионот. Европската Унија за земјите од Западен Балкан даде вистинска шанса да се интегрираме во Унијата.
Особено е важен најавениот план за Западен Балкан од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лејен, која на форум во Братислава во мај годинава, ја промовираше заедничката цел на забрзување на процесот на евроинтеграции. Овој план ни отвори можности за многу побрза интеграција во Унијата.
По Самитот во Солун во 2003 година, овој план е исклучително охрабрувачки за регионот, бидејќи економските придобивки се со широк опфат. Четирите столба предвидени за земјите од Западен Балкан ќе дадат можност да ги почувствуваме бенефитите на главниот двигател на економскиот успех – трансформациската моќ на европските интеграции и европскиот заеднички пазар. Овде говорам за економска моќ со учество на ЕУ во светската економија и трговија од околу 16%. Само во 2021 година, ЕУ има извоз од 2,18 трилиони евра.
Ако го погледнеме и БДП во светот, тогаш ќе видиме дека 60% од светскиот БДП се прави во САД и во ЕУ. Само 25% во земјите од БРИКС, а остатокот од 15% во останатите земји од светот. Затоа кога говориме дека местото на нашата држава е во ЕУ, рамо до рамо со стратешкиот партнер САД, тоа значи дека земјата сакаме да ја поставиме таму каде што се најдобрите и најразвиените.
Европската Унија има единствен пазар од 500 милиони луѓе, што обезбедува голема апсорпциска моќ и можност за економија од обем. Се проценува дека бруто домашниот производ на ЕУ во целина заради синергетскиот ефект е поголем за 10% од колку што би бил доколку земјите членки на ЕУ не би биле интегрирани меѓу себе.
Тоа во реални пари значи приближно 850 евра дополнителен годишен доход по жител, во текот на една година само затоа што земјата е членка на ЕУ.
Во нашата независна историја, веќе триесет години опстојува исклучително високо ниво на поддршка на граѓаните во однос на потребното членство во Европската Унија. Во сите овие години, финансиската поддршка на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра, средства кои нашата држава ги добила преку грантови и макрофинансиска поддршка, кои ни овозможиле ликвидносна поддршка, забрзување на деловната активност и индиректно, повисоки плати и пензии, намалување на невработеноста, зголемени странски инвестиции и изградба на подобра инфраструктура во државата.
Гледајќи низ објективни показатели, Северна Македонија во последните неколку години, со отворената европска политика на оваа Влада, ја одржува економската стабилност и во услови на повеќе кризи одеднаш.
Нашата европска ориентација како Влада носи резултати. Ќе направам неколку споредби, со членството на Северна Македонија во НАТО, каде овозможивме стабилен безбедносен амбиент во државата со што се отвори можност инвеститорите да ја препознаат нашата земја, како значајна порта за влез на европскиот пазар. Стапката на невработеност за разлика од 2016 кога беше речиси 24%, денес е намалена на 14%. За само една година имаме зголемена вработеност од 9,5% во државата.
Споредбата за овие години е огромна и во делот на странски директни инвестиции, ако во 2016 година изнесуваа 338 милиони евра, во 2022, година после пандемија со КОВИД-19 и во ек на глобална економска и енергетска криза, изнесуваа речиси 754 милиони евра. Двојно повеќе од тоа што биле во 2016 година.
