
Ковачевски на промоцијата на монографија за Сојузот на борци: Афирмираме клучен дел од македонската историја и државност, по патот на борците од НОБ, ќе осигураме и европска Македонија
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, присуствуваше и се обрати на настан за промоција на Монографијата „Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи (1948-2023)“, што се одржа во Националната установа Музеј на македонската борба за самостојност.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на премиерот Ковачевски:
„Почитувани граѓани,
Почитувани претставници од Сојузот на борци на Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија и граѓаните поддржувачи,
Почитуван претседател на Сојузот на борци, Никола Стојановски, кого го поздравуваме сите одовде, кој од оправдани причини не е денес тука, со чии заложби стана можна реализацијата и на оваа Монографија што денеска ја промовираме,
Почитувана потпретседателке на Сојузот на борци, Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институт за македонски јазик,
Потпретседател на Сојузот на борци, Наум Буревски,
Почитувани автори на монографијата „Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи (1948-2023)“ – проф. д-р Љубица Јанчева и проф. д-р Александар Литовски, кои создадовте капитално дело за сегашните и идните генерации, за најзначајниот период за македонската државност,
Директорке на Музејот на македонската борба за самостојност, Даниела Николова,
Почитувани претставници од Владата, од институциите, од дипломатскиот кор,
Почитувани медиуми и други присутни – на овој навистина значаен настан
Поважно од тоа што се говори – е што се прави.
И оваа констатација на нашите мудри повозрасни е секогаш пред нас, затоа што само со ваков пристап, зборовите стануваат дела и остануваат патоказ и за идните генерации.
Клучниот период за македонската државност и за воведувањето на македонскиот службен јазик во нашата денешна македонска држава е Народно-ослободителната борба.
Сојузот на борци како организација е живо сведоштво за храброста, истрајноста, за одлучноста и вербата во чекорите по исправниот пат и за прогресивниот дух што води напред.
