
Ковачевски: Коридор 8 ќе донесе странски инвестиции
Со гео-стратешката позиција и Коридор 8 ние стануваме неизбежна транспортна рута како во регионот така и пошироко, а тоа ќе донесе нови и големи инвестици, верува премиерот Ковачевски. Изградбата на Коридорот 8 за премиерот значи поврзување на државата со другите земји од Европа, странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните.
„Денеска започнува силна градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридор 8. Камен-темелникот на Коридорот 8 не е само почеток на нова патна инфраструктура, тоа е камен-темелник и на нови инвестиции, отворање нови пазари, можност за нови соработки како меѓу домашните, така и со меѓународни компании.
Изградбата на Коридорот 8 значи помалку трошоци за транспорт, побрз транспорт, поврзување и интеграција на Северна Македонија, како и економски и регионален развој на земјава.
Изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан, денеска покажува дека е конкретна, реална и остварлива цел која е во интерес на граѓаните, за нивен подобар живот и просперитет на бизнис заедницата. Секој автопат носи можност за нови бизниси и економски развој. Нови бензински пумпи, нови хотели, ресторани, деловни објекти, повеќе вработувања, подобро платени работни места, поголема конкуренција и побрз развој“, рече Ковачевски.
Вредноста на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д изнесува 1,3 милијарди евра. Ќе се градат четири автопатски делници во вкупна должина од околу 110 километри.
„Тоа е нашата иднина, единствено со вложување во капитални проекти обезбедуваме можности за стопанството, за бизнис заедницата, вложуваме во функционално, модерно, патно поврзување на целиот овој регион. Оваа инвестиција на Северна Македонија ѝ отвора нови европски рути и воспоставува поврзување со регионот, што е од исклучителна важност за нашата економија“, дополни тој.
