Ковачевски: Додека власта се жали на минатото, странските инвестиции паднаа за 74%
Поранешниот премиер Димитар Ковачевски, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, упати серија критики до актуелната власт, обвинувајќи ги за недостиг на сопствени проекти и лоши економски резултати. Според него, државата мора да се гледа како континуитет, а не како терен за постојани меѓусебни обвинувања помеѓу владите.
Ковачевски истакна дека клучните капитални проекти со кои денес се фали актуелната власт, всушност се оставина од периодот кога тој ја предводеше владата.
Поранешниот премиер алармираше за драстичен пад на странските директни инвестиции за 74%, нагласувајќи дека власта не може постојано да бара изговори во минатото за сопствените неуспеси.
Посебен акцент во разговорот беше ставен на екологијата и загадувањето во Скопје. Ковачевски упати остра порака за состојбата со отпадот и квалитетот на воздухот:
„Државата се гуши во ѓубре, а Скопје е постојано на врвот на светските листи по загаденост. Тоа граѓаните не го заслужуваат. Несфатливо е во 21 век сè уште да дебатираме дали горилниците во центарот на градот загадуваат.“
Тој дури покрена прашање за дислокација на тешката индустрија од главниот град, прашувајќи реторички: „Каде во светот сте виделе цементарница во центар на главен град?“.
На прашањето зошто овие проблеми не беа решени за време на неговиот мандат, Ковачевски одговори дека секоја работа бара максимален труд и континуитет.
„Една работа ќе биде завршена само толку колку што ќе вложите труд во неа. Државата е процес кој мора да се унапредува, а не да тапка во место со одбивање на добрите проекти само затоа што се од претходниците“, заклучи Ковачевски.