„Костал“ со нова компанија започнува со посебно производство на најсофистицираниот дел за електричните возила на „Фолксваген“
Охридската компанија „Костал“, како што најави уште пред повеќе од две и пол години, започнува со посебно производство на таканаречените „онборд чарџери“, односно полначи како вградени автомобилски делови за напојување на батериите на електричните и хибридните возила на групацијата Фолксваген.
Станува збор за технолошки најнапреден производ во автомобилската индустрија што во моментов воопшто ќе се произведува во Македонија, а за таа намена деновиве е регистрирана посебна компанија „Костал Електро Мобилити Македонија“.
Во прашање е производ кој отвора нов инвестициски циклус и, како што беше претходно најавено, проектот се очекува да добие финансиска поддршка од државата. Производството ќе биде единствено во Европа за најновите модели на Фолксваген, Шкода, Сеат, Ауди и Порше.
– Овие „онборд чарџери“ се есенцијален дел кај електричните и хибридните возила. Се работи за суштински различен производ и затоа е регистрирана нова компанија од страна на „Костал“. На ова може да се гледа на сосема нов бизнис кој во моментов ќе биде најсофистициран во нашата земја, ни изјави Виктор Мизо, генералниот директор на „Костал Македонија“.
Тој додава дека производството на овие таканаречени „полначи“ ќе се одвива во истиот објект каде што е фабриката и дека веќе делумно се работи на одредени сегменти.
– Во „Костал Електро Мобилити Македонија“ треба да бидат вработени нови 250 работници, но важно е и тоа што ќе се работи на производ со висока додадена вредност. Фолксваген групацијата зад себе веќе има четири милиони електрични возила и ние ќе бидеме релевантни во тој дел, рече Мизо.
Пред две и пол години беше најавено дека инвестицијата ќе изнесува најмалку 25 милиони евра, но со потенцијал да достигне до 40 милиони евра. Во Охрид ќе се одвива единственото европско производство на „онборд чарџерите“.
А.К.