
Компании и лани превземале ненајавено струја, МЕПСО им фактурирал 36 милиони евра
Операторот на електропреносниот систем МЕПСО во годишниот извештај за работата во 2022 ги објави сумите од фактурите кои ги испорачал до снабдувачите со електричната енергија кои лани направија отстапувања додека траеше енергетската криза. Овие фирми наместо да купуваат скапа електрична енергија навреме, тие и минатата година количините кои им недостигаа ги надополнуваа од резервите на МЕПСО кои се наменети за балансирање на електроенергетскиот систем.
За тоа МЕПСО фактурирал околу 36 милиони евра, а засега нема податоци колку од оваа сума е наплатена. Во спорниот извештај кој изминатиот период го објави државниот ревизор, беше нагласено дека МЕПСО отпишал 14 милиони евра долг на приватни фирми, но за 2021. Поранешното раководство подоцна се огласи со тврдење дека долгот не е отпишан, туку резервиран и тоа се прави во услови кога операторот не е сигурен дека ќе може да го наплати.
АД ЕСМ е најголем негативен отстапувач, кој правел дебаланси со вонредно превземање на струја од европската мрежа, а за тоа добил фактура од МЕПСО во висина од 17 милиони евра. Само во јануари, односно на почетокот на 2022, ЕСМ направил отстапување од 8 милиони евра во екот на енергетската криза. На второто место е ЕВН Хоме со 872.834.199 денари, или околу 14,3 милиони евра, што е многу повеќе од една година претходно, кога универзалниот снабдувач направи дебаланс од само 2,5 милиони евра.
Отстапувања правеле и приватните снабдувачи на електрична енергија на слободниот пазар. Косовскиот Футуре Енерџи Трејдинг добил фактура во износ од 4,25 милиони евра. Оваа компанија и во 2021 беше една од најголемите отстапувачи со безмалку 5 милиони евра долг. Поголемо негативно отстапување направил Мист Енерџи Еко, компанија која годинава ја превзеде поранешниот пратеник Михаил Пановски, со долг од 1,35 милиони евра кон МЕПСО. Нејзината фирма претходник – Мист Енерџи во 2021 направи долг од 1,5 милиони евра.
Трговците значителен дел од електричната енергија за своите клиенти ја обезбедиле од системските резерви, односно ја обезбедиле како балансна енергија. МЕПСО една година претходно, во 2021, фактурираше вкупно околу 3,3 милијарди денари, или 55 милиони евра.
Минатата година имало и снабдувачи кои позитивно балансирале и тоа го наплатиле од МЕПСО.
А.К.
