
КОИ СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ПЕТ МАКЕДОНСКИ ОТВОРЕНИ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНДОВИ? Тежат 255 милиони евра!
Од најголемите пет доброволни инвестициски фондови три се парични односно кеш – фондови и нивната вредност е над 143 милиони евра. Два меѓу најголемите пет фондови се акциски. Најголемиот фонд вложува во акции глобално и неговата актива вреди над 78 милиони евра. Во најголемите пет е и фондот што вложува во најтргуваните 10 македонски акции и неговата вредност надминува 33 милиони евра
Македонската фондовска индустрија не е веќе статист на домашниот пазар на капитал, покажуваат податоците достапни на информацискиот сервис на Македонската берза за хартии од вредност.
Според регистарот има 30 отворени доброволни инвестициски фондови кои се управувани од друштва за менаџирање со актива. Вкупната вредност на фондовите за кои има достапни статистички податоци надминува 300 милиони евра.
Најголем фонд според средствата со кои располага е ВФП Премиум акции. Според состојбата од 25 февруари вредноста на овој фонд надминува 78 милиони евра. Неговите клучни вложувања се алоцирани во глобални акции со врвен рејтинг како што и укажува неговото име „Премиум акции“.
Следен на листата е отворениот фонд КБ Инвест – паричен, најголем од фондовите со кои управува друштвото КБ Инвест. Парчиниот фонд со состојба на 25 февруари располага со над 68 милиони евра. Станува збор за фонд кој, како што и му кажува називот, чува пари во кеш.
На трето место на најголемите македонски фондови е уште еден фонд со суфиксот кеш. Станува збор за инвестициски фонд на НЛБ и неговиот назив е „Кеш депозит“. Алоцира средства како што и му кажува називот. Неговата вредност на 25 февруари е 45 милиони евра.
На четвртото место е најголемиот македонски фонд што вложува во најдобрите македонски акции. Неговиот назив е МБИ-10 според берзанскиот индекс кој е создаден од пазарните цени на најтргуваните десет македонски акции. Со фондот управува КБ Инвест. А вредноста на овој акциски фонд на 25 февруари е 33,6 милиони евра.
Во петте најголеми македонски фондови има уште еден кеш односно паричен фонд. Станува збор на Вега Кеш, управуван од друштвото за управување Вега Фондови. Вредноста на овој фонд на 25 февруари е 29,7 милиони евра.
Н.С.
