
КОИ СЕ ГАЗДИТЕ НА УСПЕШНАТА КОМПАНИЈА ОД ГРАДЕЖНИОТ БИЗНИС ШТО ЌЕ ЗЕМАТ ПОМАЛКУ ДИВИДЕНДА, А ПОВЕЌЕ ЌЕ ИНВЕСТИРААТ – еве како ќе се дели ланската добивка
Кога добивката е
солидна, компаниите сакаат да задржат и значаен дел за инвестиции, но и добар
дел да поделат за дивиденда на своите акционери, како и за награди на раководниот
персонал, односно за членовите на управните и надзорните одбори.
Компанијата за
производство на хемиски материјали за градежништвото „Адинг“ од Скопје, извести
како ќе ја дели својата чиста добивка, како одлуки од одржаното акционерско
собрание во текот на изминативе денови.
Минатата година
„Адинг“ остварил солиден профит од над 646 илјади евра, и од нив нешто помалку
од две третини ќе одат за инвестиции и даноци, а околу една тгретина ќе се дели
во форма на дивиденда на акционерите.
Всушност
најголемиот дел од добивката, односно близу 382 илјади евра, компанијата
планира да ги насочи во инвестиции, но и да ги плати сите даноци и придонеси
согласно распределбата.
Како дел за исплата
на дивиденда, пак, во нето износ, ќе одат над 192 илјади евра. Секој акционер
ќе добие по 34 денари во форма на дивиденда нето, односно по 38 денари бруто. Дивидендата
ќе се исплати во законски предвидниот рок, а тоа е 30 септември оваа година.
Од овие средства
најмногу пари во форма на дивиденда ќе земе најголемиот акционер, Зоран
Петровски, кој поседува пакет од 8,64 отсто, и кој сразмерно на својата
сопственост би добил дивиденда од безмалку 17 илјади евра. Помала сума ќе добие
Вања Дончева Рајатоска, која има 5,68 отсто од капиталот, и која очекува на име
на дивиденда околу 11 илјади евра, а слични, односно нешто помали суми би
добиле и Љупчо Атанасовски, кој располага со 5,5 отсто од капиталот на „Адинг“,
како и Сандра Дончева Теохарова, чиисопственички капитал е 5,39 проценти од
вкупниот на компанијата.
Компанијата има и
околу 280 домашни физички лица, кои поседуваат околу 60 отсто од капиталот на
компанијата, но немаат над 5 проценти поединечно, но кои исто така ќе се
„опарат“ согласно со нивните сопственички пакети.
Покрај за
дивиденди, акционерското собрание одлучило и да се исплати соодветна сума за
членовите на Управниот одбор, и тоа вкупно околу 32 илјади евра. Членови на
Управниот одбор, пак, дел се и најголемите акционери, и тоа Зоран Петровски и
Вања Дончева Рајатоска, а во тој највисок управен орган на компанијата
членуваат и Даниел Цеков, Горан Атансовски, и Диме Јанчев.
Награди ќе земат и
членовите на Надзорниот одбор, и тоа месечно по 24 илјади денари ќе добие
претседателот Александар Белев, а по 18 илјади денари месечно останатите тројца
членови и тоа Александра Петровска, која е и заменик претседател, потоа Филип
Филиповски, како и Раде Јанковски, кој е независен член.
Од ланската добивка
солидна сума ќе добијат и вработените, и тоа вкупно околу 41 илјади евра, при
што не се наведува кои вработени и во каква форма ќе ги добијат овие средства. Инаку, целата групација АДИНГ има повеќе од 150 вработени, од кои околу 90 вработени се во матичната компанија, а останатите во компаниите членки на групацијата во Македонија и светот.
Инаку, како што
напишале за себе од компанијата, „АДИНГ“ е водечка компанија во Југоисточна
Европа за производство и пласман на хемиски материјали за градежништвото,
основана во 1969 година.
Седиштето на матичната компанија и најголемиот
производствен погон се наоѓаат во Скопје, а со свои претставништва и
дистрибутери е присутна на повеќе од 13 пазари од регионот на Југоисточна
Европа, Блискиот Исток и Азија. Компанијата е присутна со свои производствени
погони и во Бугарија и Иран, додека свои фирми претставништва има во Србија, Казахстан
и Грција. Производствената програма ја сочинуваат повеќе од 100 производи кои
нудат решенија за најспецифични проблеми со кои се соочува модерното
градежништво. Речиси 60 отсто од производството на компанијата денес
се пласира на надворешните пазари.
Н.Н.Ф.